Исповед
Светата Тајна исповед е една од седумте свети Тајни на Црквата, која е воспоставена од самиот Господ Исус Христос. Секоја исповед е лична средба со Бог, кој е добар и полн со љубов. За светата исповед Бог ни препорачува: Не плаши се, Ти си Мој! Твоето име го запишав во свеото срце. Не сум те заборавил и никогаш нема да те заборавам, бидејќи Те сакам и покрај твоите гревови, слабости и падови. Ти ми припаѓаш на мене, јас Те љубам.
Денес многумина мислат дека не треба да се исповедаат, бидејќи немаат гревови. Многумина и не знаат што е грев или пак велат дека гревот не постои. Дали е така, погледни подолу, во испитот на совеста и во длабочината на твојата интима искрено си одговори. Сигурно ќе забележиш дека во одредени ситуации и моменти сме биле слаби и грешни и дека имаме голема потреба да се помириме со Господ и ближниот. Во тоа ни помага Црквата преку светата Тајна Исповед, и токму во неа Господ Те чека со голема љубов и сака на невидлив начин во светата тајна Исповед да Те прегрне и да ти прости.
Исус Христос во светото Евангелие вели: Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите (Марко 2,10), а со таа власт отпушта и гревови кога во еванглието од Марко вели: ти се опростуваат гревовите твои (Марко 2,5). Силата на својата власт ја дава на луѓето – апостолите да продолжат да ја вршат таа служба во негово име. Власта за исповедување и простување на гревови во името Христово имаат наследниците на апостолите, а тоа се денес епископите и свештениците. Со силата дадена од Христос и свештеничкото ракополагање добиваат власт да простуваат и разрешуваат гревови во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Исус му вели на Петар: Ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата (Матеј 16,19).
Христос кој умре за сите нас сака вратата на простување во неговата Црква секогаш да биде отворена. Преку светата Тајна Исповед, душата која била мртва поради своите гревови, повторно оживува за да живее со Христос преку чија љубов сме спасени. Кој сака да се помири со Бог и Црквата треба да пристапи на света Тајна Исповед. Исповедта е чин на понизност, но не е понижувачка за човекот, туку напротив на христијанот му го враќа достоинството на дете Божјо и повторно го поставува на патот кон светоста.
За да можеме добро и искрено да се исповедиме потребно е да направиме, барем кратка испит на совеста.
