Света Бројаница
Побожноста Светата Бројаница во парохијата се моли секоја недела во 8.30 часот и секој ден од студиото на Радио Марија во 17.30 часот. За евентуални измени погледнете го актуелниот Парохиски Гласник
Накратко за побожноста Света Бројаница
Светата Бројаница е едноставна молитва составена од основните молитви на нашата вера: Символот на верата, Оче наш, Радувај се Маријо. Во таа низа е исткаена молитва со која ја славиме Света Троица во името на целата вселена: Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Во тој молитвен венец се вткаени размислувањата за централниот настан од историјата на нашето спасение: Воплотувањето на Словото, страдањето и смртта на Крстот на нашиот Спасител, воскресението и вечното славење на Синот Божји, слегувањето на Светиот Дух. Тоа е дело на Божјата љубов.
Светата Бројаница го воведува човекот во тајната на несфатливата Божја милост кон грешниот човек; повикува на покајание; влева надеж и ја открива крајната смисла на човекот во љубовта и радоста на Света Троица.
Низ сите овие големи тајни на верата нè води Пресвета Богородица, полна со благодат. Светиот Дух ја запознал со сета вистина на Откупението. Таа со сето свое срце веруваше во тоа таинство и беше вклучена во него од Благовештението до Голгота. Со Божја одлука таа беше Божја соработничка за нашето спасение. Со својата сигурна мајчинска рака ги води кон Исус Христос оние кои со неа размислуваат за таа Љубов
Светата Бројаница е молитва на понизните души и го отвора срцето за светлината на Божјото Слово. Со таа молитва можеме да го опфатиме целиот свет, молејќи се за доаѓањето на Царството Божјо.
Светата Бројаницата е едноставно размислување за Евангелието со Марија. Ја одржува присебноста на човекот во секојдневните обврски и секојдневните тешкотии во животот.
Заедничката молитва на Светата Бројаница во заедништво на парохиската заедница и во семејството го продлабочува и усовршува единството на заедницата и семејството во меѓусебното почитување и љубов; ја зајакнува верата и верноста; ја зголемува великодушноста во прифаќањето на животот.
На крајот, молитвата Света Бројаница нè поврзува постојано со Исус и со неговата Мајка. Во едно такво заедништво сигурно може да се патува во вечниот живот.
